Се огласи Белата куќа по наводите дека Маск се повлекува

Американскиот медиум Политико денеска објави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, им рекол на своите блиски соработници дека милијардерот Илон Маск наскоро ќе ја напушти својата позиција во Владата.

Сепак, Белата куќа ја отфрли оваа вест, нарекувајќи ја „чиста измислица“.

Портпаролката на Трамп, Керолајн Левит, изјави на социјалната мрежа Икс дека Маск ќе си замине „кога ќе ја заврши својата работа“, но не прецизираше временска рамка.

Траењето на улогата на Маск во Одделот за владината ефикасност (Department of Government Efficiency), каде што е одговорен за големи кратења во федералната администрација, никогаш не беше јасно дефинирано. Тој има статус на „специјален владин службеник“, што ја ограничува неговата служба на максимум 130 дена годишно.

Во неодамнешно интервју за Фокс њуз, Маск изјави дека верува дека Одделот за владина ефикаснос „ќе заврши поголем дел од потребната работа“ во рамките на тој временски период.

Написот на Политико доаѓа во период кога Маск се соочува со значаен политички неуспех. Тој неодамна загуби влијателна политичка битка во Висконсин, каде што вложи 20 милиони долари во поддршка на конзервативен судија кој загуби во трката за место во Врховниот суд на државата.

Loading