Владејачката хунта во Мјанмар денеска прогласи привремен прекин на огнот во граѓанската војна со цел да се олеснат напорите за помош по разорниот земјотрес со јачина од 7,7 степени, во кој загинаа над 3.000 луѓе.
Соопштението на високата воена команда беше објавено на државната телевизија MRTV, а во него се наведува дека примирјето ќе трае до 22 април, со цел да се покаже сочувство кон луѓето погодени од катастрофата.
Претходно, едностран прекин на огнот прогласија и вооружените групи на отпорот, кои се противат на воената власт.
Сепак, војската предупреди дека овие групи мора да се воздржат од напади врз државата или прегрупирање, во спротивно ќе бидат преземени „неопходни“ мерки.
Денеска спасувачите успеаја да извадат тројца мажи живи од урнатините, пет дена по земјотресот, но поголемиот дел од тимовите извлекуваат само тела.
Земјотресот, чиј епицентар беше во Мјанмар, силно се почувствува и во Тајланд, а предизвика голема материјална штета. Бројот на загинати се искачи на 3.003, а над 4.500 луѓе се повредени, објави MRTV, но се стравува дека вистинските бројки се многу поголеми.
Мјанмар веќе се соочуваше со хуманитарна криза поради граѓанската војна – над три милиони луѓе се внатрешно раселени, а повеќе од 20 милиони имале потреба од хуманитарна помош дури и пред земјотресот, според податоците на Обединетите нации.
![]()

