Трамп: Нема напредок со Путин околу Украина, тој останува цврст на воените цели

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека последниот телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин не донел никаков напредок во однос на војната во Украина.

„Не, воопшто не сум постигнал никаков напредок со него“, одговори Трамп на новинарско прашање дали се приближил до договор за завршување на руската инвазија. Тој додаде дека не е задоволен од текот на војната.

Разговорот што се одржа вчера беше шести по ред телефонски контакт меѓу двајцата лидери откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари. Според соопштението од Кремљ, рускиот претседател повторил дека Москва нема намера да се откаже од своите цели во Украина.

„Нашиот претседател рече дека Русија ќе ги постигне своите наведени цели – елиминирање на причините кои доведоа до сегашната ситуација“, изјави советникот на Путин, Јуриј Ушаков. „Русија нема да се откаже од тие цели“, додаде тој.

И покрај цврстиот став, Путин наводно изразил подготвеност за продолжување на преговорите со Украина. И двајцата претседатели се согласиле дека сакаат да го продолжат дијалогот, но засега нема најави за лична средба.

Според Ушаков, за време на разговорот не се дискутирало за неодамнешниот делумен прекин на американските испораки на оружје за Украина.

На 1 јули беше објавено дека САД го прекинале снабдувањето со одредени типови оружје. Пентагон ја потврди одлуката, но не објави детали. Американски медиуми наведуваат дека станува збор за конкретни ракети и муниција.

Loading