Во изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10д во септември биле ангажирани 2.277 лица и 1.244 градежни машини, се наведува во месечниот извештај за напредокот на проектот што го објави Јавното претпријатие за државни патишта.
Конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој е изведувач на делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, во септември ги продолжил активностите насочени кон геотехнички истражувања, изработка на проектна документација, дизајн на автопатите, уривање на постоечки објекти и управување со сообраќајот.
Паралелно се изведувале земјени работи, дренажа и градежни конструкции на повеќе делови од трасите. На терен биле активни шест мостови, седум надвозници и три подвозници, каде што се работело на поставување столбови, темели и греди.
Работите се изведуваат на трите делници:
- Тетово – Гостивар (18 километри)
- Гостивар – Букојчани (30 километри)
- Прилеп – Битола (40 километри)
До крајот на септември биле ископани околу 4,1 милион кубни метри земја и еден милион кубни метри материјал за пополнување.
Во септември не била извршена нова исплата кон изведувачот. Последната исплата, во висина од 1,2 милијарди денари, е направена во август. Претходно, „Бехтел и Енка“ доби исплати во април (600 и 524 милиони денари), мај (681 милион), јуни (830 милиони) и јули (1,2 милијарди денари).
До крајот на минатата година, вкупните исплати достигнале 261 милион евра. Вредноста на договорот со конзорциумот изнесува 1,3 милијарди евра, а градежните активности официјално започнаа на 22 април 2023 година.
![]()

