Лакшми Митал, еден од најпрепознатливите милијардери и најдоминантната фигура во историјата на листата на богати на „Сандеј тајмс“, го напушта Обединетото Кралство поради новата даночна политика што ја воведува Лабуристичката партија. Индискиот челичен магнат, кој рекордни осум пати се искачи на врвот на британската листа на богатство, зад себе остава повеќе од три децении присуство во Велика Британија, период во кој неговото име стана синоним за индустриски успех, инвеститорски потези и престижни имоти во Лондон. Највисоката точка ја достигна во 2008 година, кога „Сандеј тајмс“ го процени на невидени 27,7 милијарди фунти – најголемото богатство некогаш припишано на еден поединец, прилагодено за инфлација.

Според извори блиски до него, Митал веќе се преселил во Швајцарија заради поповолните даночни услови, а најголем дел од времето понатаму ќе го минува во Дубаи. Таму веќе поседува луксузна вила, а неодамна купил и парцели на ексклузивниот остров Наја, што потврдува дека неговото заминување од Британија не е привремена одлука, туку стратегиски пресврт. Одлуката на Митал доаѓа во момент кога сè поголем број милијардери го напуштаат Обединетото Кралство, предупредувајќи дека новите даночни мерки на Лабуристичката партија ќе имаат негативно влијание врз богатите инвеститори и економските текови.
Заминувањето беше обелоденето само неколку дена пред канцеларката Рејчел Ривс да го претстави својот втор буџет, за кој се очекува да содржи нови зголемувања на даноците за најбогатите во земјата. Владата се обидува да ја пополни финансиската дупка од 20 милијарди фунти, но критичарите предупредуваат дека ваквиот пристап ги брка токму оние кои најмногу инвестираат и создаваат работни места.

Лакшми Митал, кој низ годините вложуваше во британски компании, купуваше високовредни имоти, поддржуваше спортски клубови како „Квинс Парк Ренџерс“ и донираше милиони во добротворни иницијативи – меѓу кои и 5 милиони фунти за самата Лабуристичка партија – сега станува симбол на новата реалност: дека Велика Британија ризикува да ја изгуби довербата на глобалните бизнис-елити.
![]()

