Град Скопје го отвора процесот за буџет 2026: Ѓорѓиевски бара идеи од граѓаните
Град Скопје официјално најави дека годинава започнува целосно отворен и инклузивен процес за изработка на буџетот за 2026 година. Според градските власти, ова ќе биде најтранспарентниот процес досега, во кој секој скопјанец ќе може да предложи свои идеи, приоритети и проекти што ќе влијаат врз идниот развој на градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски упати јавен повик кон граѓаните, невладиниот сектор, јавните институции и бизнис заедницата да се вклучат во креирањето на буџетскиот документ, истакнувајќи дека токму јавната вклученост е основа за подобро и поквалитетно планирање.
„Транспарентноста отсекогаш била моја водилка. Затоа годинава го отвораме процесот на изработка на буџетот за 2026 година заедно со вас – граѓаните, невладиниот сектор и бизнис заедницата. Вашите потреби и идеи ќе бидат основата на овој документ,“ изјави Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје нагласуваат дека буџетот нема да биде само финансиски план, туку развоен документ кој ќе се темели на реалните потреби на заедницата. Граѓаните ќе можат да предлагаат решенија за инфраструктура, сообраќај, зелени површини, урбан развој, култура, спорт и други приоритети кои директно го засегаат животот во главниот град.
Со ова, градските власти очекуваат поголема доверба, подобра комуникација со јавноста и создавање буџет кој навистина ја одразува визијата за модерно и функционално Скопје.
![]()

