ВМРО-ДПМНЕ прекинува „политичка игра на некрофилство“!

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска истакна дека со 84 гласа „за“ на Собраниска седмица е донесена одлука за формирање сеопфатна анкетна комисија која ќе ги испита сите големи трагедии кои однеле човечки животи, вкупно 138. Меѓу случаите кои ќе се разгледуваат се модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.

„Целта е да се расчистат сите прашања кои ги имаат родителите на загинатите, но и јавноста. Одговорноста, дали законска или политичка, ќе стигне до секој кој бил виновен“, рече Стојаноски.

Тој посочи дека со формирањето на комисијата ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува „политичката игра на некрофилство“ од страна на СДСМ и Левица, кои според него се обиделе да добијат политички поени од трагедиите. Стојаноски го повика и премиерот и сите пратенички групи да учествуваат во работата на комисијата за целосна транспарентност.

„Како мнозинство, апсолутно немаме што да криеме. Сакаме сите големи трагедии да се продискутираат и да се дадат одговори на прашањата на граѓаните“, додаде тој.

Loading