Ноќ на политички кошмари: Бугарија врие под притисокот на масовни протести
Масовните протести низ Бугарија не стивнуваат, а илјадници граѓани и вечерва го исполнија центарот на Софија и уште десетина други градови. Барањата се јасни – повлекување на нацрт-буџетот за 2026 година и оставка на владата, за која демонстрантите тврдат дека ја води земјата кон економска и социјална нестабилност.
Во главниот град протестите повторно се собираат пред клучните институции во т.н. „Триаголник на моќта“, каде што граѓаните носат транспаренти со пораки против, како што велат, „социјално неосетливите мерки“ и влијанието на олигархиските структури. Слични собири има и во Пловдив, Варна, Бургас, Русе, Шумен, Благоевград и други градови, каде што протестите се организираат преку социјалните мрежи.
Како директен одговор на растечкото незадоволство, бугарскиот Парламент денеска со убедливо мнозинство од 201 глас „за“ ги повлече трите буџетски закони – државниот буџет, буџетот на НЗОК и Државното социјално осигурување. Повлекувањето го поддржаа речиси сите парламентарни групи, вклучувајќи ги ГЕРБ-СДС, ПП-ДБ, „Преродба“, ДПС-Нов почеток и други.
Премиерот Жељазков кратко дипломатски изјави дека не планира да се повлече, и покрај признанието за грешката во буџетските проекции. Според него, напуштање на функцијата во момент кога земјата се подготвува за влез во еврозоната би било „крајно неодговорно“.
Иако вечерва немаше посериозни инциденти, протестите продолжуваат во атмосфера на неизвесност. Организаторите најавуваат нови собири и утре, потенцирајќи дека нема да запрат „додека владата не ги слушне граѓаните“.
Напнатоста и понатаму е силно присутна, особено по немирите од 1 декември, кога пред седиштето на ДПС Нов почеток дојде до судири со полицијата. За тие инциденти обвинети се 14 лица, од кои десет остануваат во притвор.
Бугарија во моментов се соочува со една од најдинамичните политички недели во последните години — со отворени протести, повлечени закони и влада која по секоја цена се обидува да ја задржи стабилноста пред историскиот чекор кон еврозоната.
![]()

