СЕ ЈАВИ ЗАЕВ! – „Дојди и соочисе со последиците“ – му порача на Груевски

Поранешниот премиер Зоран Заев денеска преку објава на социјалните мрежи остро му одговори на експремиерот и азилант во Будимпешта, Никола Груевски. Во реакцијата, Заев го обвинува Груевски дека „од досада“ продолжува да се занимава со политички прозивки и дека од „бегство“ се обидува да ја контролира ВМРО‑ДПМНЕ.

„Никола, тебе навистина ти е досадно, нели? Читам дека си почнал и да се разубавуваш. Човеку, навистина не знаеш што да правиш со самиот себе,“ пишува Заев, додавајќи дека Груевски „секојдневно дели задачи“ на актуелното раководство на неговата партија.

Поранешниот премиер го критикува и тоа што Груевски не ја одлежал, како што наведува, „минималната казна“, додавајќи дека денес „ќе можеше да зборува пред македонската јавност, а не да пишува епопеи од бегство, кои никој не сака да ги прочита до крај“.

Заев го обвини Груевски дека „се капе во украдените пари на граѓаните“, додека самиот тој тврди дека работи достоинствено и нема намера често да реагира на вакви објави. „Тоа значи дека ова е една од ретките прилики кога повторно го добиваш моето внимание,“ пишува Заев, кој му порача на Груевски „да си најде хоби“ додека, како што саркастично додава, „се разубавува“.

Во завршницата, Заев посочува: „Се надевам дека ќе дојде денот кога ќе се појавиш во Македонија – а добро знаеш каде ќе треба директно да одиш.“

Тој ја заокружи објавата со коментар дека „жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис да ми даде. Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО.“

Loading