Мицкоски најави кризен штаб: Скопје под високи мерки на безбедност пред големиот протест за ОВК
Во пресрет на најавениот регионален протест во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски порача дека „нема да успеат намерите за провокации“ и дека државата презема засилени безбедносни мерки. Според него, ќе биде активиран кризен штаб кој ќе ги координира сите институции пред и по завршувањето на собирот закажан за сабота.
Протестот, кој ќе се одржи од 13 часот на плоштадот „Скендербег“, е организиран како поддршка за поранешните лидери и припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), меѓу кои Хашим Тачи и Кадри Весели, кои се притворени од Специјализираните совети во Хаг.
ВРЕДИ се приклучува на протестот – Меџити: „ОВК е наша национална гордост“
Партијата ВРЕДИ, предводена неформално од градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, објави дека ќе се приклучи кон протестот најавен од ДУИ.
Меџити за косовскиот медиум Вокс Косова изјави дека протестот е демократско право и дека неговата партија ќе даде целосна поддршка.
„ОВК е наша национална гордост. Ќе дадеме согласност за одржување на протестот и се надевам дека сè ќе помине мирно,“ – рече Меџити.
ДУИ со масовен повик до Албанците
Од Демократската унија за интеграција најавуваат дека протестот ќе биде масовен. Лидерот Али Ахмети ги повика Албанците да се приклучат за, како што вели, да побараат правда за неправедно притворените во Хаг.
„Плоштадот Скендербег ќе биде моќен глас на граѓаните,“ – порача Ахмети.
Организаторите тврдат дека протестот ќе биде мирен, а целта е да се побара фер постапка за обвинетите поранешни припадници на ОВК.
Засилени мерки и внимателност во Скопје
Со најавите за зголемена чувствителност и можни провокации, институциите подготвуваат засилено полициско присуство. Владата уверува дека ќе се обезбеди мирно и безбедно одвивање на протестот, а граѓаните се повикуваат на воздржаност.
![]()

