Дали станува збор за вистинско коалициско недоразбирање или за намерен политички дефокус? Ова прашање го отвора опозициската СДСМ, по реакциите меѓу коалициските партнери ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, додека, како што велат, изостанува јасен став за наводниот договор за прифаќање мигранти во Македонија.
Од СДСМ посочуваат дека веќе две недели јавноста нема одговор од ЗНАМ за информациите објавени во британските медиуми, ниту пак за Резолуцијата, што, според нив, ја засилува сомнежот дека станува збор за координирано сценарио за одвлекување на вниманието.
„Гледаме реакција за изјави на поединци, но молк за суштинското прашање – мигрантите. Тоа е класичен дефокус“, велат од СДСМ, додавајќи дека ваквите јавни несогласувања се вештачки наметнати.
Опозицијата тврди дека зад ваквите потези стои сериозна финансиска криза, со недостиг на средства во буџетот за плати, пензии, социјални трансфери и поврат на ДДВ, како и проблеми во функционирањето на трезорот.
Според СДСМ, создавањето политички тензии има за цел полесно да се отвори патот кон предвремени избори, по примерот на Унгарија и Србија, и да се прикрие, како што велат, вистинската тема – можниот договор за мигранти.
![]()

