Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави значајни промени во раководните структури на партијата, кои ќе бидат официјализирани на седница на Централниот одбор. Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Филипче потврди дека Александар Саша Димитријевиќ ќе продолжи да ја извршува функцијата генерален секретар, додека ортопедот и поранешен кандидат за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски, ќе биде еден од потпретседателите на партијата.
Според Филипче, новиот состав на раководството ќе биде комбинација од искусни партиски кадри и млади луѓе кои допрва треба да се докажуваат, со цел постепена смена на генерации и долгорочна консолидација на СДСМ.
„Најголем предизвик е да се направи тим во кој искуството и младоста ќе работат заедно. Старите кадри не се тргнати на страна, туку остануваат поддршка и ментори“, истакна Филипче.
Во однос на прашањето зошто само тој не поднел оставка по поразот на локалните избори, Филипче нагласи дека неговиот мандат започнал релативно неодамна и дека ја затекнал партијата во тешка состојба. Како што вели, процесот на стабилизација и враќање на довербата кај членството е долгорочен и не може да даде резултати преку ноќ.
Филипче додаде дека функционерите кои поднеле оставки остануваат активни во партијата и ќе продолжат да придонесуваат, без разлика дали ќе имаат формални функции.
![]()

