МИЦКОСКИ ГО ПОСТАВИ КРАЈНИОТ УСЛОВ: ДВА НЕПРОМЕНЛИВИ ЧЕКОРА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Премиерот Христијан Мицкоски јасно порача дека Владата нема да влезе во процес на уставни измени без исполнување на два клучни и непроменливи услови, кои, според него, се единствената гаранција дека европскиот пат на Македонија ќе има извесен и праведен крај.

Првиот услов се однесува на јасни и формални гаранции од Европскиот совет, во форма на официјални заклучоци, дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се неприкосновени, како и дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик во Европската Унија по членството на државата. Дополнително, Мицкоски потенцира дека целиот процес мора да се води исклучиво врз основа на копенхагенските критериуми, без нови и дополнителни билатерални условувања.

Вториот услов, според премиерот, е исполнување на обврските од источниот сосед, конкретно спроведување на 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права, меѓу кои и регистрацијата на организации како ОМО „Илинден – Пирин“.

Мицкоски истакна дека македонските граѓани се длабоко фрустрирани од долгогодишниот процес на европска интеграција, во кој државата веќе направи значајни отстапки – од промена на името, преку уставни измени, до симболични и институционални промени.

„Секојпат кога ќе се исполни еден услов, следува нов. Нема да прифатам процес без јасна извесност дека ова ќе биде последниот чекор“, порача премиерот.

Тој откри дека, и покрај иницијативите од влијателни земји членки на ЕУ и високи политички кругови во Брисел, билатералните разговори со официјална Софија биле неуспешни, без конкретен одговор од другата страна.

Според Мицкоски, ова го отвора суштинското прашање: дали проблемот е билатерален или станува збор за мултилатерален европски процес. „Ако условите се билатерални, тогаш ова не е Европа на копенхагенските критериуми, туку процес на билатерализација“, нагласи тој.

Loading