Трагичниот случај на смртта на новороденчето на Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) го потресе јавноста. Бебето кое имало шанса за живот починало на интензивна нега на 1 октомври. Таткото, Јасир Илјази, најави судска постапка против клиниката, додека мајката ја даде својата изјава која ќе биде емитувана наскоро.
Семејството изрази револт затоа што никој од клиниката не ги информирал за резултатите од случајот, ниту за разгледувањето на смртта на бебето од страна на Комисијата за квалитет. Кога бебето било однесено на обдукција, им било соопштено дека резултатите ќе дојдат за 2,5 до 4 месеци, но досега тие сè уште не се добиени.
Интерните документи на ГАК откриваат дека началничката на одделот за интензивна нега, д-р Елизабета Петковска, ја пријавила педијатарката д-р Емилија Бадева за „несоодветно лекување кое предизвикало компликации од кои умрело бебето“. Според документи, реинтубацијата траела 20 минути, а при тоа дошло до сериозно оштетување на грлото на бебето.
Случајот го истражуваат Обвинителството и СВР Скопје, а Министерството за здравство најави стручен надзор. Управата на болницата два месеци не ја информирала јавноста, иако постоеле интерни процедури за контрола на квалитетот.
Таткото на бебето потенцира дека, иако нивното дете нема да се врати, не сака други семејства да доживеат слична трагедија.
![]()

