Филипче од Брисел прогласи режим, заборави кој владееше вчера
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска престојува во Брисел, каде што според објавените фотографии учествува на состанок на групата на социјалистички и социјалдемократски партии. Од белгиската престолнина, Филипче испрати пораки дека неговите средби се насочени кон обезбедување меѓународна поддршка за, како што наведува, „одбрана на демократијата во Македонија“.
Повод за ваквите пораки е резолуцијата што неодамна беше донесена во Собранието, а која, според Филипче, претставува прв ваков документ во историјата на државата насочен против опозицијата. Тој оцени дека со вакви чекори се загрозуваат слободата на говор, политичкото дејствување и демократскиот поредок.
„Кога парламент носи неуставна резолуција против опозицијата, државата влегува во авторитаризам“, порача Филипче, обвинувајќи ја власта дека се обидува да ја замолчи опозицијата и да воспостави еднопартиски модел.
Филипче најави дека во Брисел ќе побара поддршка од европските прогресивни и демократски сили, како и од сестринските социјалистички партии, со цел, како што рече, Македонија да остане слободна, демократска и европска држава. Воедно повика на формирање „единствен граѓански фронт“ за одбрана на демократијата и слободата на говорот.
Инаку, во Брисел од завчера престојува и премиерот Христијан Мицкоски, што дополнително го насочува вниманието кон пораките кои македонските политички лидери ги испраќаат од европските институции.
![]()

