Анализа на измените во Кривичниот законик што ја разбрануваа јавноста
Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ предложија измени во Кривичниот законик со кои формално се враќаат дел од избришаните антикорупциски одредби, но суштински се воведуваат поблаги казни за злоупотреба на службената положба, што отвора простор функционери обвинети за корупција да се спасат со условни казни и побрзо застарување на делата.
Најконтроверзната промена се однесува на членот 353, кој во претходната верзија предвидуваше минимум 5 години затвор и практично не застаруваше за најтешките облици на корупција. Со новиот предлог, минималната казна се намалува на 4 години, а распонот оди од 4 до 10 години, што значи дека првпат осудени функционери повторно можат да добијат условна пресуда.
Дополнително, се задржува нејасната формулација „значителна имотна корист“ без прецизно дефинирани кривични дела, што остава простор за различни судски толкувања и поблага казнена политика.
Измените се носат по итна постапка, како ад хок решение по насоките на Уставниот суд, иако уште од 2023 година на платформата ЕНЕР стои целосно нов Кривичен законик, изработуван седум години од врвни домашни и меѓународни експерти под покровителство на ОБСЕ, со вградени европски директиви. Ниту претходната, ниту актуелната власт досега не го ставија овој закон на гласање.
Иако предлагачите тврдат дека измените нема да имаат фискални импликации и дека ќе донесат зголемен прилив во Буџетот преку проширена конфискација, правните експерти предупредуваат дека без строга судска пракса и ефикасно обвинителство, овие измени повеќе личат на козметичка правда отколку на вистинска борба против корупцијата.
![]()

