Потпретседателката и пратеничка на СДСМ, Јована Тренчевска, жестоко ја критикуваше резолуцијата изгласана од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, оценувајќи ја како неуставна, антидемократска и директен обид за политичка пресметка со опозицијата.
Во гостување на ТВ Сител, Тренчевска истакна дека во резолуцијата воопшто не се содржани конкретни детали за договорот со Велика Британија, што, според неа, дополнително ги зголемува сомнежите дека власта води тајни и нетранспарентни договори зад грбот на јавноста.
„Каде во резолуцијата е спомнат договорот со Велика Британија? Ова не е резолуција за заштита на државните интереси, туку резолуција за осуда и замолчување на опозицијата“, изјави Тренчевска, додавајќи дека Собранието, како храм на демократијата, не смее да се користи за политички притисок.
Таа предупреди и на сериозни безбедносни ризици, наведувајќи дека Македонија може да биде доведена во ситуација да прифати лица кои нема да поминат соодветни безбедносни проверки.
„Треба јасна разлика помеѓу мигранти и лица со одбиено барање за азил. Ако тие биле безбедносно прифатливи, зошто не останале во Велика Британија?“, праша Тренчевска.
Во однос на антикорупциските активности, таа нагласи дека СДСМ ќе продолжи јавно да ги објавува коруптивните скандали поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, преку партискиот антикоруптивен тим и отворената платформа.
Говорејќи за новото раководство на СДСМ, Тренчевска истакна дека партијата влегува во нова фаза на политичко зајакнување, со комбинација од искуство, младост и нова енергија, што, според неа, ќе донесе резултати во следниот период.
![]()

