Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остро ги демантираше шпекулациите дека Македонија ќе прифаќа мигранти или одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство, оценувајќи ги како целосна дезинформација и политички конструирана паника.
Во гостување во емисијата „360 степени“, Муцунски изјави дека не постои ниту договор, ниту преговори, ниту намера за каков било аранжман со Велика Британија што би вклучувал прием на мигранти – без разлика дали станува збор за легални, нелегални или одбиени баратели на азил.
„Во ниту една форма, под ниту еден услов, Македонија нема да прифати мигранти или одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство“, нагласи Муцунски, отфрлајќи ги и тврдењата дека тие би биле сместувани во посебни центри или приватни станови.
Според него, целата дебата започнала по шпекулативни написи во британски медиуми, кои не се однесувале конкретно само на Македонија, но биле искористени од домашната опозиција за создавање страв и несигурност кај јавноста. Муцунски посочи дека, и покрај јасните деманти од претседателката, премиерот, министерот за надворешни и министерот за внатрешни работи, темата намерно се одржува жива.
Министерот нагласи дека двата клучни документи со Обединетото Кралство – Декларацијата за стратешко партнерство и договорот „влада со влада“ – се целосно јавни и во нив никаде не се споменува мигрантска политика или прифаќање баратели на азил.
„Станува збор за класичен пример на лажна вест што прерасна во политички наратив“, оцени Муцунски, додавајќи дека дел од британските медиуми дури и се откажале од објавување текстови откако ги добиле официјалните одговори од македонските институции.
![]()

