Собранието на Република Северна Македонија денеска ја одржува 75. седница, на која една од клучните точки е изборот на нови министри во Владата, по промените што следеа по локалните избори.
Како прва точка на дневниот ред е предлогот за разрешување на Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања. За нов вицепремиер и министер за европски прашања е предложен пратеникот и поранешен министер за здравство Беким Сали.
Промени се најавени и во Министерството за животна средина и просторно планирање, откако Изет Меџити ја презеде градоначалничката функција во Општина Чаир. Владата за нов министер го предлага Муамет Хоџа, поранешен владин портпарол.
Покрај кадровските решенија, пратениците ќе расправаат и за:
-
именување на неизвршен член на Народната банка,
-
ратификација на Дополнителниот протокол 7 на ЦЕФТА,
-
задолжување на државата со заем од Европската банка за обнова и развој за обновување на товарниот возен парк на Железници на РСМ – Транспорт АД Скопје,
-
измени на Законот за игрите на среќа и Законот за ДДВ, по скратена постапка.
На дневен ред се и годишните програми за работа за 2026 година на Агенцијата за пошти и Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, како и Ревидираната фискална стратегија на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030.
Очекувањата се дека денешната седница ќе донесе значајни политички и економски одлуки со директно влијание врз европскиот курс и институционалната стабилност на државата.
![]()

