ФИЛИПЧЕ ЗАГРИЖЕН ЗА ГРАЃАНИТЕ: ВЛАДАТА НА МИЦКОСКИ ИГНОРИРА СУШТИНСКИ ПРАШАЊА

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, д-р Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања остро ја критикуваше Владата предводена од Христијан Мицкоски, оценувајќи дека по речиси две години на власт нема дадено конкретен одговор на ниту едно суштинско прашање кое ги засега граѓаните.

Според Филипче, наместо одговори и решенија, Владата на ВМРО-ДПМНЕ континуирано користи дефокусирање и дезинформации, со цел да се прикрие неспособноста и, како што рече, сомнителните зделки.

„Што и да прашаме, вие ќе дефокусирате – Венко, Заев, влијанија, приказни без никаква врска со реалната состојба. Нема ниту еден вистински одговор на прашањата што ги засегаат сите граѓани“, изјави Филипче од собраниската говорница.

Тој посочи дека реалната состојба во државата е очигледна за граѓаните – нема суштински реформи во правосудството, нема реформски закони усогласени со европските препораки, нема контрола на цените, ниту решенија за загадениот воздух и паднатиот животен стандард.

Филипче нагласи дека во моментов не постои ниту еден вистински реформски закон, а двата закони што се во процедура, според него, се подготвени набрзина и без целосна имплементација на препораките од оценската мисија.

„Европа знае дека вие повеќе не сте партнери и дека не ја зборувате вистината. Се носат закони по мерка на власта, а не според европските стандарди“, рече тој.

На крајот, Филипче истакна дека критиките не доаѓаат само од опозицијата, туку директно од граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со раст на цените, економска несигурност и институционален застој.

Loading