НОВА ЕРА ВО ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИТЕ И НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА КОРИСНИЦИТЕ

Трет мобилен оператор влегува на македонскиот пазар во 2026 година

Македонскиот пазар на електронски комуникации влегува во нова фаза на развој, откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) најави влез на трет мобилен оператор во текот на 2026 година. Ова се смета за еден од најзначајните чекори за зголемување на конкуренцијата, подобрување на квалитетот на услугите и намалување на цените за корисниците.

Помал број поплаки, но истите проблеми остануваат

Во текот на 2025 година, до АЕК биле поднесени 346 барања за решавање спорови меѓу граѓаните и телекомуникациските оператори, што е благо намалување во однос на 2024 година кога биле регистрирани 363 случаи.

Најчестите причини за поплаки се:

  • неквалитетна услуга,

  • еднострани измени на договорните услови,

  • високи месечни сметки,

  • наплата на казнени пенали при раскинување договор.

Од вкупниот број предмети, 45 биле усвоени, 14 делумно усвоени, 40 биле затворени по постапување од страна на операторите, додека 109 биле одбиени. АЕК оценува дека граѓаните сè повеќе го користат институционалниот механизам за заштита на своите права.

Очекувања за 2026: Трет оператор, кула Водно и дигитално радио

Покрај влезот на трет мобилен оператор, за 2026 година се најавува и:

  • ставање во функција на телекомуникациската кула на Водно,

  • воведување на T-DAB дигитално радио во Македонија.

Овие проекти треба дополнително да го унапредат медиумскиот и комуникацискиот простор во земјата.

Македонија меѓу водечките во Европа по 5G квалитет

АЕК наведува дека 2025 година е исклучително позитивна за развојот на телекомуникациите. Мобилните оператори веќе обезбедуваат 5G брзини од околу 340 Mbps во градовите и 120 Mbps на патиштата, со што Македонија се позиционира меѓу првите 5 до 10 земји во Европа според квалитетот на мобилните мрежи.

Влезот на нов оператор се очекува дополнително да ја засили конкуренцијата и да донесе уште подобри услови за корисниците.

Loading