Професорот Гордан Калајџиев со остра реакција на социјалните мрежи ја критикува најавата за воведување на таканаречен „ѕид на срамот“, преку кој јавно би се објавувале имињата на лица што купувале магистерски и докторски трудови.
Според Калајџиев, постојат јасно утврдени законски и академски процедури за стекнување магистратура и докторат, но и строги правила за утврдување плагијат, кои мора да ги спроведуваат надлежни и квалификувани институции.
╔════════════════════════════════════════════════════════╗
❝ Постојат процедури како се стекнува магистратура и докторат, како и процедура за утврдување плагијат.
„Ѕид на срамот“ е импровизација. Не постои тело кое е квалификувано за такво нешто! Си играте играчки! ❞
╚════════════════════════════════════════════════════════╝
Неговата реакција следува откако министерката за образование и наука Весна Јаневска на брифинг со новинарите најави воведување „ѕид на срамот“, со цел јавно да се откријат имињата на сите кои купувале магистерски и докторски трудови.
Од Министерството посочуваат дека мерката треба да придонесе за поголема транспарентност и борба против академската нечесност. Сепак, дел од академската јавност предупредува дека ваквиот пристап може да биде спротивен на законските норми и да предизвика сериозни правни и етички дилеми.
Прашањето за плагијатот и купувањето академски трудови повторно ја отвори дебатата за потребата од институционални решенија, наместо јавни „листи на срам“, кои можат да ја нарушат презумпцијата на невиност.
![]()

