ПАЗАРНА ЕКСПЛОЗИЈА ВО СЕНКА – ПРИВЕДЕНИ 44 ЛИЦА

Министерството за внатрешни работи продолжува со засилени контроли и акции против нелегалната трговија со пиротехнички средства. Во текот на вчерашниот ден, на подрачјето на Бит Пазар во Скопје биле запленети околу 6.000 парчиња пиротехника, информираат од МВР.

Како што соопштуваат од Министерството, по преземени оперативно-тактички мерки од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР – Скопје, на улицата „192“ биле пронајдени и одземени различни видови пиротехнички средства. За случајот бил известен јавен обвинител, а против лицата кои нелегално ја продавале пиротехниката ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Паралелно со ова, СВР Куманово информира дека се приведени 44 лица од Куманово и Липково, кои продавале пиротехнички средства на зелениот пазар во Куманово и на влезот од градот. Акцијата е дел од засилените контроли во пресрет на новогодишните празници.

Од МВР потсетуваат дека на 25 декември, во координирана полициска акција кај Градско и во Скопје, биле запленети над 25 тони пиротехнички средства, а меѓу приведените лица имало и активен полициски службеник.

Во меѓувреме, лекарите од Општата болница во Куманово предупредуваат на сериозните здравствени ризици од користење пиротехника, особено кај младата популација.
Д-р Иван Аргиров, специјализант по општа хирургија, истакнува дека секоја година се третираат пациенти, најчесто млади лица, со тешки повреди предизвикани од пиротехнички средства.

Надлежните апелираат граѓаните да се воздржат од користење и купување нелегална пиротехника и да ги почитуваат законските прописи, со цел заштита на јавното здравје и безбедноста.

Loading