Министерството за внатрешни работи ќе изготви посебен план за сообраќај за претстојната зимска туристичка сезона во Маврово, со цел подобрување на протокот на сообраќај и навремено управување со зголемениот број посетители.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, при денешната посета на Маврово, изјави дека планот ќе опфати распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир, како и мерки за спречување сообраќајни застои за време на зимската сезона.
– Во Полициското одделение Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со што ќе се овозможи подобар проток на сообраќајот и поефикасно управување со зголемениот број туристи – изјави Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше, беше разгледана и можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди при сообраќајни незгоди. Со оваа мерка се очекува значително намалување на времето на чекање и избегнување подолготрајни блокади на патиштата, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Дополнително, во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено прашањето за отстапување дел од просторот на Општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
![]()

