Македонската Влада застана зад аргументите и потезите на својот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, во врска со акцијата во Венецуела и претседателот Николас Мадуро. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека меѓународното право со години се крши и дека Македонија тоа го почувствувала на сопствен грб, наведувајќи примери како промената на знамето, Уставот и уставното име.
Според Мицкоски, вистинскиот проблем не е само преседанот во Венецуела, туку „громогласната тишина“ на европските и светските земји. Тој потенцираше дека Владата цврсто стои зад САД, и покрај контрадикторните толкувања за усогласеноста на акцијата со меѓународното јавно право.
Опозициската СДСМ реагираше со остри критики, обвинувајќи го премиерот за двојни стандарди – од една страна поддршка за САД, а од друга страна тврдење дека меѓународното право е прекршено. Од партијата велат дека токму ваквите ставови ја оддалечуваат Македонија од Европската Унија и потсетуваат дека САД веќе подготвуваат посебен Закон за Западен Балкан, насочен кон борба против криминалот и корупцијата.

Во меѓувреме, дел од српските медиуми реагираа со навредливи коментари поради поддршката што македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски ја даде за американската акција. На седница на Советот за национална безбедност на Србија, претседателот Александар Вучиќ изјави дека Србија не се соочува со непосредна закана од агресија, но најави значително зголемување на воените капацитети.
Вучиќ оцени дека по случувањата во Венецуела станува јасно оти меѓународниот правен поредок и Повелбата на Обединетите нации функционираат само формално, особено кога станува збор за мали држави.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Венецуела ќе биде под водство на САД сè додека не се спроведе транзиција на власта, без прецизирање на времетраењето на таквиот процес.
![]()

