Скопската клиника за респираторни заболувања кај деца „Козле“ деновиве работи со речиси целосно исполнет капацитет поради силниот бран на сезонски грип и други респираторни инфекции. По празниците, значително е зголемен бројот на деца со висока температура, кашлица и отежнато дишење, поради што дел од нив завршуваат на болничко лекување.
Според лекарските проценки, во моментов околу сто деца се хоспитализирани, додека шест се во потешка клиничка состојба и се на кислородна поддршка. Во клиниката информираат дека креветите се речиси целосно пополнети, а се задржува простор само за најитните случаи. Дополнителен предизвик претставува и чекањето за преглед, особено за семејствата што доаѓаат со деца во влошена здравствена состојба.
Лекарите предупредуваат дека празничните собири, честото „мешање“ и престојот во затворени простории придонеле за забрзано ширење на вирусите. Симптомите најчесто започнуваат со нагло покачување на телесната температура, слаб апетит и упорна кашлица, а кај дел од децата може да дојде и до компликации што бараат болнички надзор.
Состојбата во „Козле“ се совпаѓа со пошироката епидемиолошка слика во земјата. Институтот за јавно здравје во последниот неделен извештај нотира значителен пораст на пријавени случаи на грип и заболувања слични на грип, со највисока инциденца кај училишната возраст. Надлежните очекуваат активноста на вирусите да продолжи и во наредниот период, што ќе значи и продолжен притисок врз педијатриските здравствени служби.
![]()

