Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, јавно реагираше по објавените фотографии од осветување на службени полициски возила и објекти во кругот на Министерството за внатрешни работи (МВР), оценувајќи дека станува збор за директно кршење на уставниот принцип на секуларна држава и на важечките закони.
Според Исени, прскањето со света вода од страна на верско лице врз службени возила и објекти во рамки на паркингот на МВР не може да се смета за приватен верски чин, туку претставува недозволиво мешање на религијата со државните институции. Тој нагласи дека настанот бил организиран од неколку припадници на сообраќајна полициска единица, во соработка со верско лице, и дека истиот не го одразува официјалниот став или институционалното дејствување на Министерството.
Исени посочи дека ваквиот чин укажува и на ниско ниво на професионална и институционална свест кај дел од полициските службеници.
„Уставот на Република Северна Македонија, во член 19, јасно ја утврдува одвоеноста на верските заедници од државата. Законот за полиција бара целосна и безусловна неутралност“, истакна Исени.
Тој нагласи дека МВР е државна институција која мора да им служи еднакво на сите граѓани, без оглед на нивната верска припадност, и дека службените простории и средства не се сопственост на ниту една верска заедница и не смеат да се користат за верски ритуали.
„Полицијата е во служба на сите граѓани и не смее да постапува со двојни стандарди“, додаде заменик-министерот.
Исени најави дека, согласно внатрешните правилници на МВР, ќе бидат повикани на одговорност сите лица кои го организирале или дозволиле настанот, оние кои не го спречиле неговото извршување, како и лицата што овозможиле влез на верско лице во објектите на Министерството за вршење верски активности.
„Почитувањето на верските убедувања е неопходно, но мешањето на религијата со безбедносните институции е неприфатливо и опасно за еднаквоста, институционалната неутралност и довербата на граѓаните“, порача Исени.
![]()

