Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на фотографиите објавени од паркингот на Министерството за внатрешни работи, на кои се гледа верски обред – осветување на новите службени полициски возила. Според партијата, ваквиот чин претставува сериозно кршење на уставниот принцип на секуларна држава и опасна порака до граѓаните во мултиетничка и мултиконфесионална држава како Северна Македонија.
Од ДУИ потенцираат дека обредот не бил извршен во приватен или верски простор, туку во рамки на државна институција за јавна безбедност и на службени возила купени со пари од сите даночни обврзници. Полицијата, како што нагласуваат, мора да им служи на сите граѓани подеднакво, без разлика на нивната вера или етничка припадност, и не смее да создава впечаток дека државата се идентификува со една религија.
„Ова не е традиција, туку институционализација на религијата и директно кршење на Уставот. Државата е заштитена со закон и Устав, а не со осветена вода на свештеник“, порачуваат од партијата, додавајќи дека ваквите постапки се исклучувачки и навредливи за сите други верски заедници.
ДУИ бара итно јавно разјаснување кој го одобрил верскиот обред, врз која законска основа и со која цел, како и институционална одговорност за сите функционери кои дозволиле или не го спречиле користењето на државни простори и средства за верски ритуали.
Во соопштението се нагласува дека партијата ја почитува слободата на вероисповед и религиозно изразување на секој поединец, но таа слобода, како што велат, не смее да значи узурпирање на државните институции. „Полицијата им припаѓа на сите граѓани, а не на една религија или етникум“, се вели во реакцијата од „Мала Речица“.
![]()

