⚠️ „ПРЖИНСКА ВЛАДА“ повторно тема: Мицкоски повикува на укинување, СДСМ остро одбива

По речиси една деценија од воведувањето на моделот на таканаречена „пржинска“ или техничка влада, прашањето за негово укинување повторно ја вжешти политичката сцена во земјава. Премиерот Христијан Мицкоски најави лидерска средба со парламентарните партии, со цел да се постигне консензус за напуштање на овој изборен модел што се применува од 2016 година.

Според Мицкоски, техничката влада е надминат механизам кој ја кочи ефикасноста на институциите и создава перцепција на постојана политичка нестабилност. Тој истакна дека изборите треба да ги организира редовната Влада, избрана од граѓаните, а не ад-хок состав создаден под притисок на политички кризи.

„Ако сите велиме дека моделот е имплант што го кочи системот, тогаш е време да го отстраниме – но со консензус“, порача премиерот.

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, категорично ја одби поканата за лидерска средба. Според него, иницијативата за укинување на техничката влада е обид за алиби за предвремени парламентарни избори, а СДСМ, како што рече, нема да биде „покритие за сценарија на власта“.

Филипче тврди дека техничката влада е неопходна како заштитен механизам за фер и демократски избори, особено во услови кога, според опозицијата, институциите се под силно политичко влијание.

Од опозициската ДУИ засега немаат конечен став и посочуваат дека ќе се изјаснат откако ќе добијат официјална покана за средбата.

Политичкиот аналитичар Александар Ристевски оценува дека моделот на „пржинска влада“ создава чувство на трајна политичка криза и дека ваков формат практично не постои во други демократии. Според него, клучот за фер избори е функционален институционален систем и силна Државна изборна комисија, а не привремени влади.

Што ако нема договор?

Доколку не се постигне лидерски договор за укинување на техничката влада, ќе мора да следи нова прераспределба на ресорите, бидејќи актуелниот владин состав значително се разликува од оној во 2016 година. До јуни се очекува и нов Закон за Влада, кој треба да даде јасен одговор дали земјава ќе продолжи со „пржинскиот модел“ или ќе се врати на редовна изборна практика.

Loading