ЛЕНЧЕ РИСТОСКА БАРА ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ ОД ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ ПОРАДИ НАВРЕДИ И ПРИТИСОК

Јавната обвинителка Ленче Ристоска побара јавно извинување и повлекување на, како што наведува, навредливи и целосно неосновани тврдења изнесени од премиерот Христијан Мицкоски во интервју за порталот Вечер.мк.

Реакцијата на Ристоска следува по изјавите во кои премиерот, коментирајќи ги законите од областа на правосудството и измените на Кривичниот законик, ја квалификувал како „медиокритет“ и ја поврзал со „клиентелистичко-политичка матрица“. Иако не е спомната по име, од контекстот на изјавата, според обвинителката, јасно е дека се однесува на неа.

Во писмената реакција, Ристоска наведува дека станува збор за навреди и професионални дисквалификации, како и за измислени тврдења за изјави кои таа никогаш не ги дала, со што директно се нарушуваат нејзиниот углед и професионален интегритет.

„Со цел заштита на мојот личен и професионален углед, од претседателот на Владата писмено побарав јавно извинување и повлекување на спорните наводи. Истовремено, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Совет на јавни обвинители, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на функцијата“, истакнува Ристоска.

Таа е јавна обвинителка во ОЈО Скопје, задолжена за врски со Европравда, и поранешен член на згаснатото Специјално јавно обвинителство. Во моментов, таа ги застапува предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се однесуваат на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и на конфискација на партиски имот.

Ристоска нагласува дека изјавите на премиерот ги доживува како несоодветен притисок, имајќи предвид дека тој е претседател и законски застапник на политичката партија опфатена во постапки во кои таа постапува како јавен обвинител.

Интервјуто што ја предизвика реакцијата е дадено во контекст на актуелните дебати за реформите во правосудниот систем во Република Македонија.

Loading