Мицкоски НЕ СЕ ИЗВИНУВА на Ристоска: „Не ја спомнав по име, чудно е како се препознала“

Мицкоски не се извинува на Ристоска: „Не ја спомнав по име, чудно е како се препознала“

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нема да ѝ се извини на обвинителката Ленче Ристоска, иако во јавноста беше протолкувано дека токму на неа се однесуваат неговите изјави во интервју за „Вечер“, во кои говореше за „медиокритети“ и „клиентелистичко-политичка матрица“.

Во одговор на новинарско прашање од „Слободен печат“, од Владата велат дека Мицкоски не ја спомнал Ристоска со име и презиме, па оттаму, според нив, не постои основ за извинување.

„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервјуто не ја спомна Ленче Ристоска по име. Тој говореше општо за медиокритети и чудно е како таа се препозна во тие изјави“, велат од Владата.

Изјавата на премиерот следуваше откако тој ги критикуваше реакциите на поранешни членови на Специјално јавно обвинителство, поврзани со предложените измени на Кривичниот законик од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервјуто, Мицкоски реагираше на коментарите дека измените овозможуваат поблаги казни и условни пресуди за сериозни кривични дела.

Токму Ристоска е единствената обвинителка од поранешното СЈО која јавно и аргументирано ги критикуваше и измените од 2023 година и актуелните предлог-измени, оценувајќи дека тие се дури и полоши, бидејќи отвораат простор за неказнивост, особено во делот на јавните набавки и одговорноста на високи државни функционери.

Дополнителна тежина на случајот му дава и фактот што имотот на ВМРО-ДПМНЕ е предмет на постапување кај обвинителката Ристоска, што во јавноста отвори дилеми дали станува збор за политички притисок врз обвинителството. И покрај тоа, владејачката партија досега не упати извинување, ниту по претходни квалификации упатени кон обвинителката.

Loading