ВУЧИЌ: НЕ СУМ МИЛОШЕВИЌ – ПОРАКАТА ШТО ГО КРЕНА РЕГИОНОТ НА НОЗЕ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, повторно ја засили реториката за надворешни закани и потенцијална агресија кон државата, користејќи ја темата како оправдување за зголемување на воените капацитети. Во видео објава на Инстаграм, Вучиќ директно ги обвини западните сили дека стојат зад долгогодишните студентски и граѓански протести насочени против неговата власт.

Во своето обраќање, српскиот претседател направи јасна споредба со поранешниот лидер на Србија и СР Југославија, Слободан Милошевиќ, нагласувајќи дека нема да ги повтори неговите, како што вели, „наивни грешки“.

„Минатата година направија сè за да ме соборат од власт, со милијарди евра и со поддршка од надворешни фактори, но не успеаја. Јас не сум Милошевиќ и не сум наивен ниту глуп за да ви верувам. Србија ќе биде подготвена да даде силен и одлучен одговор на секој потенцијален агресор“, порача Вучиќ.

Според српските медиуми, ваквите изјави имаат за цел дополнително да го консолидираат радикалното јадро на гласачите на Вучиќ, создавајќи наратив дека политичките притисоци и проблеми во земјата се резултат на странско мешање, а не на внатрешни слабости на власта.

Во првите денови од годината, Вучиќ повеќепати повтори дека нема да им верува на „странските фактори“, алудирајќи дека Милошевиќ ја загубил власта токму поради прекумерна доверба во меѓународната заедница. Оваа порака ја повтори и по седницата на Советот за национална безбедност, како и за време на јавните настапи во регионот, вклучително и во Требиње.

Политичките аналитичари оценуваат дека ваквата реторика ја зголемува тензијата во јавниот дискурс, но истовремено служи како алатка за мобилизација на поддржувачите во период на зголемени внатрешни и надворешни притисоци врз Белград.

Loading