ТРАМП ВО НАЈЖЕСТОК ФОКУС: САД РАЗГЛЕДУВААТ МОЖЕН УДАР ВРЗ ИРАН, ТЕХЕРАН НА РАБОТ НА ЕСКАЛАЦИЈА

Високи функционери во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одржале прелиминарни дискусии за можен воен напад врз Иран, објави Волстрит џурнал, повикувајќи се на американски извори запознаени со процесот.

Според наводите, една од опциите што била разгледувана вклучува масовен воздушен напад врз повеќе ирански воени цели, но официјален консензус за конкретен чекор сè уште не постои. Истите извори нагласуваат дека не е извршено преместување на воена опрема или персонал, што укажува дека станува збор за рутинско стратешко планирање, а не за подготовка за непосреден напад врз Иран.

Во меѓувреме, Аустријан ерлајнс соопшти дека ги прекинува летовите до и од Техеран поради, како што наведуваат, „актуелната политичка и безбедносна ситуација“. Одлуката е донесена по препорака на безбедносниот оддел на компанијата и ќе важи до 12 јануари.

Според Ројтерс, авиокомпанијата останува во постојана 24-часовна координација со надлежните безбедносни институции и внимателно ги следи случувањата на Блискиот Исток.

Дополнително на геополитичките тензии, Иран Интернешнл, персиски медиум во егзил, објави видео-снимка за која тврди дека прикажува безбедносни сили како отвораат оган врз демонстранти во областа Техеран-Парс, во источниот дел на иранската престолнина, за време на саботните ноќни протести. Автентичноста на снимката засега не е независно потврдена.

Комбинацијата од воени сценарија, прекинати авиолинии и немири во Техеран дополнително ја зголемува неизвесноста во регионот. Иако засега нема индикации за непосреден напад, развојот на настаните будно го следи меѓународната заедница.

Loading