Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, до Собранието ги достави предлозите за нови две членки на Судски совет. Станува збор за адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска и универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, кои важат за најистакнати кандидатки меѓу сите предложени имиња.
Јошевска-Атанасовска е експертка по кривично право и дипломирала на УКИМ. Во јавноста е препознатлива по бројните јавни настапи, каде отворено го критикува, но и го брани принципот на независно судство. Во својата кариера била советничка во поранешното Специјално јавно обвинителство, во Министерство за финансии, како и предавач во Академија за судии и јавни обвинители.
Кадри-Шахиновиќ, пак, е професорка по граѓанско и семејно право, дипломирана на ФОН Универзитет, а предава и на МИТ Универзитет. Таа е членка на Генералното собрание на СОС Детско село, правен експерт и претседателка на Комисијата за жалби при Фудбалска федерација на Македонија во два мандата. Исто така, беше дел од Комисијата за помилување формирана од претседателката, која се распадна по колективна оставка уште на почетокот.
![]()

