СКОПЈЕ ВЛЕГУВА ВО НОВА ЕРА: ПРОЕКТ ШТО ДЕЦЕНИИ СЕ ЧЕКАШЕ КОНЕЧНО СТАНУВА РЕАЛНОСТ

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека 2026 година ќе биде една од најзначајните и најпредизвикувачки години за развојот на градот, со целосен фокус на потребите на граѓаните и реализација на сите ветени проекти.

Во интервју за МИА, Ѓорѓиевски истакна дека Скопје влегува во период на големи капитални инвестиции, подобрување на инфраструктурата, модернизација на јавните претпријатија и значително зголемување на зелените површини. Според него, целта е граѓаните повторно да го чувствуваат градот како свој – уреден, функционален и достоинствен.

Подземна сообраќајница – нова ера за Скопје

Еден од најзначајните проекти што ги најавува градоначалникот е првата подземна сообраќајница во Скопје, која ќе се гради на булевар „Македонија“. Проектот предвидува шест ленти, од кои две ќе бидат наменети за јавен превоз, како и пешачки патеки. Со ова решение се очекува сериозно растеретување на сообраќајниот метеж во центарот на градот и значително подобрување на квалитетот на живот.

Луна парк, инфраструктура и јавни претпријатија

По повеќе од една деценија, започнува и реализацијата на новиот Луна парк, кој ќе се простира на 84.000 квадратни метри и ќе понуди современи содржини за деца и семејства. Паралелно, се работи на реконструкција и изградба на клучни булевари и сообраќајници, како и на целосна стабилизација и модернизација на јавните претпријатија.

Скопје – Европска престолнина на културата 2028

Ѓорѓиевски потврди дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, откако бил деблокиран процесот кој претходно бил во сериозна криза. Во рамки на подготовките се планира ревитализација на културно-историски локалитети, инвестиции во културната инфраструктура и реализација на концептот „Скопски ЕУ зелен архипелаг“ со нови маалски паркови.

„Ова не е само година на градилишта, туку година во која ги поставуваме темелите за европско, модерно и функционално Скопје“, порача градоначалникот, додавајќи дека неговата визија е град со помал сообраќаен хаос, повеќе зеленило и подобар секојдневен живот за сите граѓани.

Loading