СДСМ „ОТКРИ“ СКАНДАЛ: ФИРМАТА ДОБИВАЛА ТЕНДЕРИ И КОГА ТИЕ БЕА НА ВЛАСТ

СДСМ СО ЛУПА ПО ТЕНДЕРИ – СЕ СОПНА НА СОПСТВЕНИТЕ ГОДИНИ НА ВЛАСТ

Компанијата Пирамид билдинг солушнс со соопштение до медиумите ги отфрли обвинувањата изнесени од СДСМ, оценувајќи ги како селективни, тенденциозни и насочени кон нарушување на угледот и деловната репутација на фирмата.

Реакцијата доаѓа откако Антикорупцискиот тим на СДСМ соопшти дека компанијата инкасирала околу 16 милиони евра преку 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Пирамид билдинг солушнс“ нагласуваат дека во јавните настапи на СДСМ намерно се изоставува клучен факт – дека значителен број договори за јавни набавки биле добиени токму за време на владеењето на СДСМ и во институции раководени од нивни функционери.

„Повеќе од 15 години успешно и континуирано работиме на македонскиот пазар, без ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите, и со континуиран раст базиран на квалитет, професионалност и реална пазарна конкуренција“, се наведува во соопштението.

Компанијата додава дека сите договори биле добиени на законит начин, преку транспарентни постапки, и целосно реализирани. Во прилог на своите тврдења, доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години, од 2017 до 2022 година, со институции под раководство на функционери на СДСМ, во која се наведени вкупно 57 договори.

Во меѓувреме, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата на СДСМ како неосновани, посочувајќи дека не се понудени докази за незаконско постапување. Оттаму реагираа и на наводите дека сопственикот на фирмата бил политички ангажиран, со прашањето дали е спорно граѓанин да има компанија, да учествува на тендер и истовремено да биде член или симпатизер на политичка партија.

Loading