ЗРЕЛОСТ ИЛИ СТРАВ: КОЈ НАВИСТИНА СЕ ПЛАШИ ОД ФЕР ИЗБОРИ?

Ништо суштински не е променето од времето на Пржинскиот договор, а укинувањето на техничката влада ќе биде возможно дури кога државата ќе покаже институционална и демократска зрелост, оцени лидерот на СДСМ Венко Филипче.

На прес-конференција, Филипче ги коментираше актуелните политички случувања, лидерската средба на која не присуствуваше, како и најавите за предвремени избори и можни мигрантски кампови. Според него, аномалиите кои доведоа до воведување на техничката Пржинска влада за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се присутни и денес.

„Техничката влада беше воведена поради заробени институции, силна партизација и злоупотреби за време на изборни процеси. За жал, истите тие појави ги гледаме и сега, години подоцна“, изјави Филипче, додавајќи дека затоа не постојат услови за нејзино укинување.

Тој нагласи дека СДСМ ќе ги поддржи исклучиво законите од Реформската агенда кои ја доближуваат Македонија до Европската Унија и дека укинувањето на техничката влада треба да се случи само по проценка на европските експерти дека реформите навистина се применуваат во пракса.

Филипче ја обвини актуелната власт дека брза кон предвремени избори поради сериозни финансиски проблеми. Според него, дупката во буџетот изнесува околу 680 милиони евра, со доспеани обврски до 700 милиони евра и значителен неисплатен ДДВ. „Сето ова ќе падне на грбот на граѓаните, а потоа ќе следи и проектот ‘мигранти за пари’“, предупреди тој.

Дополнително, лидерот на СДСМ оцени дека власта води антиевропска политика преку создавање конфликти со соседите и преку активности кои, како што рече, ја оддалечуваат земјата од нејзините стратешки партнери.

И покрај критиките, Филипче порача дека СДСМ е подготвена за избори во секое време. „Државата се води катастрофално и предвремени избори се повеќе од извесни – прашање е само кога“, заклучи тој.

Loading