АХМЕТИ ГО МЕША „ШПИЛОТ“: НОВА СРЕДБА, НОВИ УСЛОВИ, СТАРИ СОЈУЗНИЦИ

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, најави дополнителна средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која ќе се разговара за неколку отворени политички прашања што не биле целосно апсолвирани на денешната лидерска средба во Клубот на пратеници.

По состанокот, Ахмети изјави дека една од клучните теми била европската перспектива на државата и членството во Европска Унија, за што, како што рече, е потребна заедничка посветеност и ангажман на сите политички чинители.

„Премиерот нè информираше за неговите комуникации со претставници на меѓународната заедница. Ние стоиме на располагање да дадеме поддршка и да помогнеме, со цел државата да го заземе заслуженото место во Европската Унија“, изјави Ахмети.

Една изборна единица со праг и отворени листи

Едно од прашањата што предизвикале дискусија е и предлогот за воведување една изборна единица. Ахмети нагласи дека Демократска унија за интеграција не се против вакво решение, но под услов да има минимален изборен праг од пет отсто и отворени листи.

„Сметаме дека овој модел може да обезбеди поголема демократичност и фер застапеност, доколку се постават јасни правила“, рече тој.

Техничка влада и улогата на меѓународниот фактор

Во однос на укинувањето на техничката влада, Ахмети истакна дека тоа прашање не може да се реши без консултација со меѓународните партнери, особено со Соединети Американски Држави и Европската Унија, кои се коавтори на договорот за таканаречената пржинска влада.

„Потребно е мислење и консултација со меѓународниот фактор, бидејќи тие учествуваа во креирањето на правната рамка“, нагласи Ахмети.

Народен правобранител и законски измени

На лидерската средба се разговарало и за изборот на народен правобранител. Ахмети изјави дека ДУИ во моментов не го поддржува изборот, бидејќи, како што рече, партијата не била претходно консултирана, и затоа се потребни дополнителни разговори со координаторите на пратеничките групи.

Во однос на законите за имплементација на проектот „Безбеден град“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети смета дека амандманите треба да се разгледаат во Собранието, со цел да се деблокира процесот.

Тој додаде дека ДУИ веќе ги презентирала своите предлози и за измените на Изборниот законик, кои ќе бидат тема и на наредните политички консултации.

Loading