ДИГИТАЛНИ ДОКУМЕНТИ БЕЗ РЕДИЦИ И РОАМИНГ БЕЗ СМЕТКИ – ДАЛИ КОНЕЧНО ДОАЃА ПРОМЕНАТА?

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најавува дека во најскоро време граѓаните ќе можат целосно електронски да ги добиваат изводите од матичните книги преку националниот портал за е-услуги, со што конечно би се ставил крај на долгите редици пред шалтерите. Иако Законот за електронски документи беше усвоен во јануари минатата година, практичната примена досега беше ограничена, бидејќи при аплицирање преку платформата е-услуги граѓаните добиваа само потврда дека барањето е успешно поднесено, но не и можност документот да го примат во електронска форма.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Андоновски изјави дека во моментов се во фаза на тестирање на четири клучни услуги на Управата за водење матични книги – изводи од матичната книга на родени, венчани, умрени и потврда за слободна брачна состојба – кои наскоро ќе бидат целосно достапни електронски, со можност граѓаните да изберат дали документот ќе го добијат дигитално, на шалтер или по пошта. Паралелно со дигитализацијата, министерот се осврна и на долго најавуваната услуга „роаминг како дома“ со Европската унија, која требаше да стартува уште минатата година, но беше повеќепати одложувана.

Според Андоновски, Македонија ќе ги исполни сите технички и регулаторни услови до крајот на 2025 година, по што рокот за имплементација е поместен за февруари 2026 година, а процесот ќе се одвива заедно со Црна Гора и Албанија. Тој нагласи дека, освен усогласувањето на дополнителните регулативи, важен фактор е и политичкото лобирање за ова прашање да биде актуелизирано на ниво на Западен Балкан. Иако јавноста очекуваше земјава веќе да добие бесплатен роаминг со ЕУ, од Брисел беше посочено дека не се исполнети сите неопходни реформи, при што Европска комисија потврди дека оваа поволност засега ќе важи за Украина и Молдавија.

Loading