МИЦКОСКИ ОД ДАВОС ПОВИКУВА НА ЕНЕРГЕТСКИ ИНВЕСТИЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА

Потребата за драстично зголемување на производството на електрична енергија во светот е директно поврзана со забрзаниот развој на вештачката интелигенција и растот на дата-центрите кои за своето функционирање користат огромни количини електрична енергија. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во видеообраќање од Давос, каде што учествуваше на низа значајни средби со претставници на мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.

Премиерот посочи дека на средбите биле презентирани инвестициските можности што ги нуди македонската економија, со цел привлекување капитал кој ќе донесе додадена вредност за граѓаните и долгорочен економски раст. Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен на панелот за енергетика, на кој тој учествувал како говорник заедно со американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, како и со водечки луѓе од глобалниот енергетски бизнис, компании со обрт од илјадници милијарди долари.

На панел-дискусијата, како што објасни Мицкоски, се разговарало за идните трендови во производството на електрична енергија и за фактот дека во наредните години глобалната потреба од енергија ќе расте, а побарувачката за електрична енергија ќе се зголемува два и пол пати побрзо од останатите енергетски извори. Според него, Македонија не смее да остане пасивен набљудувач на овие процеси, туку мора активно да се вклучи преку рестартирање на стратешки енергетски проекти како „Чебрен“, „Галиште“, „Бошков Мост“ и други, како и преку нудење на својот потенцијал за инвестиции во обновливи извори на енергија.

Вториот клучен заклучок од дискусијата е дека во следните десет години на светско ниво ќе треба да се изградат капацитети кои ќе произведуваат околу 40.000 терават-часови електрична енергија, што е повеќекратно над сегашната потрошувачка на Македонија и приближно еднакво на комбинираната потрошувачка на САД, Канада, Европската Унија и Јапонија.

Како трет и можеби најзначаен фактор, премиерот го посочи развојот на вештачката интелигенција, која преку дата-центрите создава огромен притисок врз електроенергетските системи ширум светот. Во тој контекст, Мицкоски нагласи дека државата мора да биде во чекор со технолошките промени и да ја насочува својата економија кон диверзификација, преминувајќи од доминантна ориентација кон автомобилската индустрија кон посилна улога во енергетскиот сектор.

Според него, Македонија располага со сериозен потенцијал и перформанси за да стане значаен чинител во енергетиката на регионално и пошироко ниво, изразувајќи уверување дека со правилни политики и инвестиции земјата може успешно да одговори на глобалните предизвици и да обезбеди стабилен економски развој во годините што следат.

https://www.facebook.com/watch/?v=1816362045743326

Loading