НАТО, Европската Унија и Соединетите Американски Држави остануваат трите клучни столба на надворешната политика на Северна Македонија, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју дадено од Давос, каде што учествува на Светскиот економски форум.
Муцунски истакна дека државата има јасна и принципиелна геополитичка ориентација, која не зависи од моменталните глобални трендови или промени на администрации, туку од долгорочни стратешки интереси.

„Нашата надворешна политика се темели на три постулати: целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, кредибилно и активно членство во НАТО и стратешко партнерство со САД. Тоа не е ‘или-или’, туку прашање на принципи“, нагласи Муцунски.
Тој додаде дека Европа е природната економска и институционална дестинација на државата, додека САД претставуваат клучен безбедносен и политички фактор за стабилноста на Балканот и пошироко.
Министерот беше дециден дека дилемата „ЕУ–САД или Исток“ за Македонија не постои.
„Ние припаѓаме на Западот – по вредности, по безбедносна архитектура и по стратешки интереси. Сè друго може да биде економска соработка, но не и геополитичка ориентација“, изјави тој.

Говорејќи за новиот светски поредок и глобалните турбуленции, Муцунски нагласи дека членството во НАТО е клучната разлика меѓу денес и пред две децении, бидејќи државата сега е дел од колективен безбедносен систем со јасни механизми за заштита.
„Тоа не значи дека сме наивни. Напротив – ја зајакнуваме одбраната, институциите, отпорноста на хибридни закани, како и енергетската и дигиталната безбедност“, рече министерот.
Во однос на стратешкото партнерство со САД, Муцунски потенцираше дека тоа не значи слепа послушност, туку однос базиран на јасно дефинирани интереси, меѓусебна почит и конкретни резултати.
На крајот, тој порача дека стратешката цел на државата останува непроменета – модерна европска држава со силни институции и стабилна економија, изградена врз кредибилитет, предвидливост и јасна западна ориентација.
![]()

