СЕ НАДЕВА ДЕКА НЕМА ДА ПОДКЛЕКНЕ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРЕД НОВ ТЕСТ

Новиот шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, обвинителот Фидоски, по изборот на функцијата порача дека и понатаму ќе остане доследен на професионалните принципи и ќе одолее на сите притисоци, како што тоа го правел и во изминатите 12 години обвинителска кариера.

Тој пред неколку дена беше избран за раководител на најголемото обвинителство во државата со поддршка од седум члена на Советот на јавни обвинители.

„Најпрвин сакам да се заблагодарам на членовите на Советот кои ја дадоа поддршката за мене. Ми претставува чест да ја вршам оваа функција, но во исто време и огромна одговорност, бидејќи станува збор за најголемото и најоптоварено обвинителство во државата – и по број на предмети и по нивна сложеност“, изјави Фидоски.

Тој потенцираше дека неговата работа ќе биде насочена кон чесно, совесно и непристрасно постапување, со јасна цел – зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Приоритети: финансиски криминал и сложени предмети

На прашањето кои ќе бидат неговите приоритети во мандатот, Фидоски нагласи дека најпрво треба целосно да се запознае со состојбата во обвинителството.

„Сè уште не сум седнал за да видам со што точно се соочуваме. Ќе треба да се направи пресек на заостанатите предмети и да се утврдат приоритетите. Секако, финансискиот криминал, злоупотребите и потешките предмети ќе бидат во фокусот“, рече тој.

Зошто без програма?

Во врска со забелешките дека не поднел програма при кандидатурата, Фидоски појасни дека тоа не било задолжително.

„Доколку беше обврска, ќе поднесев програма. Сепак, мојата работа и резултатите ќе бидат најдобрата програма“, истакна новиот шеф на скопското обвинителство.

Loading