ДЕСПОТОВСКИ И ШИЛЕГОВ СЕ УЦЕНЕТИ ?!

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвинува дека како што со зголемен интензитет го објавува криминалот на, како што ја нарекува, тендерската коалиција ВМРО–ЗНАМ, паралелно се засилуваат и хајките, црните кампањи и обидите за дестабилизација на партијата одвнатре.

Од СДСМ велат дека сите напади се диригирани и координирани од еден центар – ВМРО.

„ВМРО најде двајца слаби од нашите редови за ова предавство. Прашањето е зошто токму Јово Деспотовски и Петре Шилегов се избрани за напад врз СДСМ?“, се наведува во соопштението.

Кривична пријава против Јово Деспотовски

Како што информираат од СДСМ, против Јово Деспотовски е поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поради сомнение за злоупотреба на службена положба и овластување.

Според наводите, Деспотовски како директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во 2022 година, заедно со други службени лица, овозможил на едно правно лице да прибави противправна имотна корист во износ поголем од 10 милиони евра. Постапката, како што посочуваат, сè уште е во тек.

„По неуспешните првични обиди, Деспотовски ги продолжи нападите кон СДСМ, во директна координација со одредени медиуми и со идентична реторика како ВМРО“, се додава во реакцијата.

Наводи и за Петре Шилегов

Во однос на Петре Шилегов, од СДСМ наведуваат дека Основното јавно обвинителство во 2024 година побарало доставување податоци и оформило предмет поврзан со јавна набавка на Град Скопје од 2021 година, од периодот кога тој ја извршувал функцијата градоначалник.

„Предметот сè уште е во истражна постапка“, велат од партијата, обвинувајќи дека ВМРО врши притисоци и уцени преку закани со кривични пријави и други процеси.

Порака од СДСМ

СДСМ порачува дека обидите за рушење на партијата одвнатре нема да успеат.

„Ќе се избориме со сите напади. Неколку вакви слаби обиди нема да нè поколебаат во нашата борба против криминалот и корупцијата на ВМРО“, стои во соопштението.

Loading