На вчерашното судско рочиште за пожарот во кабарето „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, преживеани сведоци со потресни детали сведочеа за хаосот, густиот чад и борбата за гол живот.
Сведокот Тоше Трендафилов изјави дека кобната вечер во „Пулс“ имало и малолетници, за што рече дека знае бидејќи лично ги познавал. И тој е меѓу повредените, со изгореници на ушите и вратот, а на едната рака му била пресадена кожа. Како и другите сведоци, посочи дека објектот бил реновиран, но дека никогаш не забележал противпожарни апарати.

Описувајќи ја ноќта на 16 март 2025 година, Трендафилов рече дека кога почнал да се шири густ црн чад кој задушувал, настанал целосен хаос. „Кога стигнав до вратата, имаше полно паднати деца. Паднав, почнав да повраќам, луѓето ме газеа обидувајќи се да се спасат. Потоа се онесвестив. Некој ме извлекол“, сведочеше тој. По излегувањето надвор, според неговите зборови, не добил помош од полицијата, а и денес има болки и несоница поради трауматските спомени.
По него сведочеше Мартин Китанов, кој низ солзи раскажуваше како ја преживеал трагедијата. Во „Пулс“ бил со четворица другари за да го прослават раѓањето на синот на еден од нив. Кога од бината било кажано сите да излезат надвор, виделе пламен, а додека стигнале до излезот, огнот веќе се ширел и чадот бил густ и задушлив.

Китанов опиша дека меѓу двете врати настанал метеж, луѓето паѓале едни врз други, а и тој завршил под тежината на повеќе лица, со силни болки и без воздух. Иако видел пожарникари, во еден момент ја изгубил надежта дека ќе преживее. „Тогаш се сетив на моите две деца и најдов сила да продолжам да дишам“, рече тој, додавајќи дека бил извлечен од непознато момче кое го опиша како „ангел спасител“.
По излегувањето надвор, Китанов не бил свесен колку е повреден и сакал да се врати за да ги бара другарите. Подоцна доживеал силен стрес и добил лекарска и психолошка помош. На крајот сведочеше дека од петтемина другари со кои бил на масата, преживеал само тој.
На вчерашното рочиште не сведочеше Дарио Трифунов, откако одбраната на дел од обвинетите реагираше дека не бил уредно најавен од Обвинителството. Неговиот исказ ќе биде даден на некое од следните рочишта. Следното судење е закажано за 2 февруари, кога се очекува да сведочат уште пет сведоци на Обвинителството.
![]()

