Што значи затворањето на постмониторинг-дијалогот со Македонија?
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата јануарска сесија донесе Резолуција со која официјално се затвора постмониторинг-дијалогот со Република Македонија. Со оваа одлука државата повеќе нема да биде предмет на засилен политички и институционален надзор, туку ќе биде следена преку редовниот механизам за периодичен преглед што важи за сите земји-членки на Организацијата.
Постмониторинг-дијалогот претставува фаза по завршување на формалниот мониторинг и има за цел да обезбеди целосно исполнување на преземените обврски во областа на владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права. Македонија беше опфатена со овој механизам од 2000 година, кога стана членка на Советот на Европа, што го прави неговото затворање значаен институционален и политички исчекор.

Во текстот на Резолуцијата, подготвен од известителите Сибел Арслан и Џозеф О’Рајли, се нотира напредокот на земјата во клучни области како што се функционирањето на демократските институции, унапредувањето на владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа. Воедно, се признава континуираната политичка посветеност на државата за исполнување на обврските преземени со членството во Организацијата.
Од Советот на Европа се потенцира дека мониторинг процесите имаат важна улога и во поширокиот европски контекст, особено во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија. Исполнувањето на стандардите и конвенциите на Советот на Европа се смета за суштински елемент во процесот на евроинтеграција, што ја прави оваа одлука дополнително значајна за меѓународната позиција на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени одлуката како историски момент, истакнувајќи дека Македонија излегува од постмониторинг пред одредени земји од регионот, па дури и пред некои земји-членки на Европската Унија. Од друга страна, опозицискиот СДСМ смета дека затворањето на постмониторинг-дијалогот е резултат на реформи започнати во претходниот период и предупредува дека актуелните политики може да го доведат во прашање европскиот курс на државата.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оцени дека оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права, како и потврда за подобрените односи со соседните земји.
Затворањето на постмониторинг-дијалогот не значи крај на реформските процеси, туку претставува признавање дека Македонија достигнала одредено ниво на демократска зрелост според европските стандарди. Истовремено, тоа останува обврска за институциите и политичките чинители да го одржат и унапредуваат постигнатиот напредок, со цел да се зачува кредибилитетот на државата и да се продолжи патот кон целосна европска интеграција.
![]()

