СЕНКАТА НА СТРУМИЦА ВРЗ ПЕТТЕ ТОНИ

Откако опозицискиот СДСМ побара одговори како пет тони марихуана, запленети во Србија, поминале преку територијата на Македонија, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека одговорите треба да се побараат кај поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Заев е познат како сопственик на фабрика за медицински канабис и дека СДСМ не треба да поставува прашања до Владата, туку до сопствениот поранешен лидер.

„СДС прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче“, соопштија кратко од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, од СДСМ прашаа кој дозволил огромна количина дрога да помине преку македонската граница и кои структури се вмешани во, како што велат, картелски скандал. Според нив, без логистичка поддршка од институции, ваков транспорт не би бил возможен.

Во меѓувреме, Виши суд во Белград им одреди притвор на три лица уапсени по заплената на пет тони марихуана во регионот на селото Коњух, кај Крушевац, во централна Србија. Заплената е извршена на 29 јануари.

Српските медиуми пренесуваат дека осомничените за неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги на сослушувањето се повикале на правото да молчат. Според официјалните информации, организираната криминална група дејствувала на меѓународно ниво и во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија.

Особено индикативно, како што наведуваат медиумите, е тоа што еден од осомничените со иницијали И.Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“, регистрирана во Скопскиот Регион, наменета за производство и преработка на медицински канабис.

Loading