Христијан Мицкоски изрази надеж дека Европска Унија ќе изнајде механизам со кој на патот на Македонија кон членство нема да постојат билатерални вета, нагласувајќи дека граѓаните се проевропски ориентирани, но истовремено уморни од изневерени очекувања и постојани условувања.
Според последната анкета, 71 процент од македонските граѓани ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ. Сепак, премиерот потенцира дека поддршката драстично опаѓа кога членството се условува со уставни измени без јасна и извесна перспектива за крај на процесот. Во таков случај, истите тие 71 процент се изјаснуваат против.

„Граѓаните направија повеќе отстапки отколку што направила која било земја кандидат досега. Уморни се од понижувања и разочарувања – и со право“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека интеграцијата во ЕУ никогаш не била доведена во прашање, но дека процесот мора да биде праведен и без дополнителни билатерални пречки кои го загрозуваат македонскиот идентитет, јазик и национално достоинство.

Премиерот најави и дека Македонија ќе го разгледа најавениот нон-пејпер од Брисел, по што ќе следи јасен државен став. Според него, секоја промена што се бара од земјата мора да значи и реално подобрување на положбата на Македонците во соседните држави.
„Ако ние менуваме Устав заради почитување на права, тогаш и Македонците во соседството мора да ги имаат своите елементарни човекови права – здружување, организирање, слобода“, порача Мицкоски.
Тој беше дециден дека нема да го промени својот став сè додека од Брисел не стигне јасна и недвосмислена порака дека Македонија ќе напредува без нови блокади и без доведување во прашање на националниот идентитет.
![]()

