ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ДА СЕ РЕГУЛИРА, А НЕ ДА СЕ ЗАБРАНУВА

Сиљановска-Давкова од Дубаи: Вештачката интелигенција да се регулира, а не да се забранува

Вештачката интелигенција не треба да се забранува, туку мудро и одговорно да се регулира, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Дубаи, на собир во пресрет на Светскиот самит на владите, на кој учествуваат околу 150 врвни научници, меѓу кои нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет.

(фотографијата е креирана со вештачка интелегенција)

Претседателката истакна дека брзите глобални промени бараат и суштинска промена во образованието, со нов пристап што ја согледува реалноста низ очите на младите генерации. Според неа, во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не смее да се сведува на еднонасочно пренесување и меморирање факти, туку мора да се развива како триалог меѓу наставникот, ученикот и вештачката интелигенција.

https://www.facebook.com/share/p/1CEzc58Q3H/

„Фокусот на образованието треба да се префрли кон критичкото и креативното размислување. Вештачката интелигенција е дел од новиот образовен модел – таа не може и не треба да биде забранета, но мора да биде регулирана, бидејќи носи и сериозни ризици, меѓу кои и зависноста“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Таа посочи дека образованието мора да обрне поголемо внимание и на менталната стабилност, емоционалната интелигенција, како и на етичкото и моралното расудување – области во кои вештачката интелигенција нема капацитет да го замени човекот.

„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Таа мора да биде алатка, а не господар“, порача претседателката.

Сиљановска-Давкова додаде дека ваквата промена на парадигмата е неопходна и за македонскиот образовен систем. Таа истакна дека земјата располага со значаен научен потенцијал, наведувајќи дека македонски хемичари и физичари се меѓу првите два отсто најцитирани научници на светско ниво.

„Имаме талент и идеи, но не можеме сами. Ни треба поддршка, соработка и совет. Македонската академија на науките и уметностите, како и универзитетите и факултетите, се отворени за заеднички истражувачки и развојни проекти“, истакна таа.

Во рамки на посетата, претседателката оствари и средба со македонски граѓани кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати.

Loading