Брисел со години испраќа високи претставници и евробирократи во Македонија, кои во име на Европската Унија држат лекции за демократија, владеење на правото и борба против криминалот. Но, во последно време сѐ поочигледно станува дека дел од тие „учители“ и самите се со сериозни морални и политички дамки.
Последниот случај што предизвика внимание во јавноста е оној на поранешниот специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, кој во изминатите години често престојуваше во Македонија. Лајчак неодамна поднесе оставка од функцијата советник во словачката влада, откако во јавноста беа објавени наводни комуникации меѓу него и осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.

Според медиумските извештаи, во дел од пораките Епштајн му нуди жени на Лајчак, на што овој наводно одговара со коментар со недолична содржина. Колку овие информации се автентични допрва ќе утврдат надлежните институции, но фактот дека вакви сомнежи постојат сериозно го нарушува кредибилитетот на поранешниот европски дипломат.
Инаку, токму Лајчак во 2024 година од македонска почва уверуваше дека геополитичките околности создале „историска шанса“ за проширување на Европската Унија, но дека Македонија претходно мора да ги исполни своите обврски и задачи.

Списокот на евробирократи кои ѝ држеле лекции на Македонија, а подоцна се нашле во центарот на афери, станува сѐ подолг. Впечатлив е и примерот од пред неколку месеци, кога поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, беше приведена во рамки на истрага за наводна финансиска измама.
Могерини пред неколку години директно ги убедуваше македонските пратеници да ги прифатат барањата на Брисел, испраќајќи пораки за „заедничко трчање“ кон европската иднина.
„Време е да почнеме да трчаме заедно – еден со друг, заедно со вашите соседи. Уверена сум дека со таков трк ќе одите многу далеку“, изјави тогаш Могерини.
Прашањето кое сѐ почесто се поставува во македонската јавност е: колку далеку може да нѐ однесе „трчањето“ со вакви личности и во која насока? Ова не е дилема само за Македонија, туку и за оние чесни и професионални европски функционери во Брисел, чиј кредибилитет се нарушува поради аферите на нивните колеги.
![]()

