Проектот „Безбеден град“, кој од вчера официјално се применува во Скопје, Куманово и Тетово, веќе дава први резултати. Иако законската толеранција за пречекорување на брзината регистрирана преку камерите е зголемена на 12%, сообраќајот во главниот град е значително побавен, а возачите покажуваат зголемена претпазливост.
На вториот ден од имплементацијата, на повеќе раскрсници се забележуваат редици возила. Дел од возачите, особено оние со постари автомобили без дигитални брзиномери, се движат и под 30 км/ч, иако дозволената брзина во град е 50 км/ч. Забележливо е и нагло запирање веднаш штом зеленото светло ќе почне да трепка.
Репортерот на ТВ21 појаснува дека активни се само сините камери од проектот „Безбеден град“, кои регистрираат четири вида прекршоци. Малите бели камери поставени на столбовите на раскрсниците не се дел од овој систем, што кај дел од граѓаните предизвика забуна.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да разберат дека целта на проектот не е казнување, туку зголемување на безбедноста во сообраќајот. Притоа, мобилните радари во полициските возила и понатаму ќе бидат во функција.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека уште во тест-периодот се забележани значајни резултати:
„Вие сте тие што го намалија бројот на повредени лица во сообраќајни несреќи за околу 35% на територијата на Скопско и бројот на смртни случаи од 11 на 4. Ова е доказ дека создаваме европски вредности и поинаков пристап од минатото.“
КАКО СЕ ПРЕСМЕТУВА НОВАТА ТОЛЕРАНЦИЈА?
Според новата регулатива:
-
Од 10 до 50 км/ч – толеранцијата останува 6 км/ч
-
Од 50 до 100 км/ч – толеранцијата е 9 км/ч
-
Од 100 до 130 км/ч – толеранцијата е 12 км/ч
Практично, ако ограничувањето е 50 км/ч, камерата ќе ве регистрира и ќе испрати предупредување при 51 км/ч, но казна следи дури од 60 км/ч. Кај ограничување од 100 км/ч, радарскиот блиц се активира при 113 км/ч и повеќе.
![]()

